За нас

Меѓународниот театарски фестивал (МТФ) Скупи Фестивал, е културно здружение, основано во просториите на Н.У. Албански Театар – Скопје, во ноември 2007 година. Во тоа време, се одржa првото издание под мотото „играј за да бидеш”. Година по година, минувајќи низ лавиринтите на сопственото постоење, прерасна во традиционална културна манифестација.

Фестивалот нуди поглед кон светските културни текови преку прикажување на иновативни, храбри и прогресивни претстави, како во театарскиот израз така и во способноста да поттикнат критичко размислување кон општествените и социјалните предизвици.

МТФ Скупи Фестивал се одржува секоја година во текот на првата недела од месец ноември. Постоењето на фестивалот минува низ речиси номадско патување, бидејќи својата програма ја има претставено на речиси сите театарски сцени во Скопје.

Фестивалот е воден од одборот, каде сите членови се воедно и основачи: Музбајдин Ќамили – директор, Сенко Велинов – уметнички директор и селектор, Осман Ахмети – координатор, Куштрим Бектеши и Бетим Зекири – членови.

МТФ Скупи Фестивал е поддржан од Министерството за Култура на Р.М. и Градот Скопје.

Програма

Структурата на програмата вклучува официјална и придружна програма.

Во рамките на главната програма се прикажува селекција на претстави од разновидни професионални продукции, со тенденција подеднакво да бидат застапени институционални и вон-институционални театри. Сите претстави презентирани во главната програма се натпреваруваат во трката за најдобра претстава.

Придружната програма се состои од работилници, предавања и панел дискусии, кои претставуваат можност за локалните професионалци да разменат искуства и ги продлабочат своите вештини со гостувачките артисти.

Селекцијата на програмата се врши од страна на уметничкиот одбор, на чело со селекторот на фестивалот Сенко Велинов. Како стручен соработник во 2016 година се јавува и Милиана Ленак. Претставите вклучени во процесот на селекција доаѓаат како предлози од селекторот, членовите на одборот, надворешни соработници, како и апликации пријавени на отворениот повик објавен од страна на фестивалот.

Жири и награда

МТФ Скупи Фестивал има натпреварувачки карактер. Секој година фестивалот избира три-члено жири, вообичаено составено од двајца локални и еден меѓународен претставник.

МТФ Скупи Фестивал доделува една награда во рамките на официјалната програма – Гран При награда за најдобра претстава.