ДАСКИ И МАСКИ

МТФ СКУПИ ФЕСТИВАЛ 2014
31/10/2014 - 06/11/2014

Швајцарија / Русија: ШЛАХТХАУС ТЕАТАР – БЕРН И ТЕАТР ПОКОЛЕНИЈ – САНКТ ПЕТЕРСБУРГ

„СИТЕ ПТИЦИ СЕ ВЕЌЕ ТАМУ“

Автори: Мато Камп, Ариане вон Графенрајд

Режија и идеја: Еберхард Колер

Mузика во живо: Сајмон Хо

Сценска слика: Данила Короходски

Светло/Видео: Анастасиа Тошчева

Продукцент: Моника Мангер

Играат: Мона Петри, Татјана Верик, Светлана Смирнова, Наталиа Пономариова, Сергеј Мардар, Артион Шилов

Во село близу Берн во 1915 година, по покана на швајцарскиот социјалист Роберт Грим се среќаваат меѓународните и особено руските револуционери, меѓу кои и познатите Ленин и Тротски, на тајна конференција против Првата Светска Војна. Со цел да не бидат откриени од швајцарската тајна полиција, тие конгресот го претставуваат како безопасна средба на орнитолози.

Во „Сите птици се веќе таму“ германскиот режисер Еберхард Колер го поставува конгресот на наводните орнитолози, познат како руско-швајцарски конгрес на сцена. Претставата има естетика на руски нем филм од 20-тите години. Дејствието се развива од реалистична акција кон секвенци на сон во кои учесниците се претопени во светот на руските бајки. Шумата е симбол за несвесното. Слично како кај Шекспир во „Сон на летната ноќ“, луѓето се претвораат во животни, социјалистите преправени во орнитолози во птици.

 

Германија: ДРЖАВЕН ТЕАТАР ТУБИНГЕН 

„И СЕГА: СВЕТОТ!“

Автор: Сибил Берг

Режија: Соња Страјфингер

Сценографија: Весна Хилтман  

Драматург: Кристијан Бок

Играат: Ина Фритше, Џулиен Фајл

Една млада жена размислува за својот живот и својата генерација. Сама во својот дом, со пријателите комуницира само на Skype, преку мобилен и на чет. Сибил Берг во текстот „И сега: светот!“ наметнува прашања поврзани со родовите улоги, вистинската љубов и односот со нашето тело. Денес младата генерација се дефинира себеси преку надворешниот изглед, а Берг ја покажува илузијата за телото и адаптивната вредност. Сите сакаат совршено тело. Овој свет ја диктира сликата за тоа што треба да бидеме, но ние во неможност да ја достигнеме таа слика, стануваме сè понесигурни.

Младата жена се губи во овој нов свет, кој станува сè поголем и поголем, и чиј пораст никој не може да го следи. Свет кој ја диктира сликата за тоа што треба да бидеме, но ние во неможност да ја достигнеме таа слика, стануваме се понесигурни. Не можејќи да го најде своето место во овој свет, оваа млада жена зборува за нејзините притисоци, стравови и желби.

 

Албанија: ШЕТАЧКИ ТЕАТАР - ТИРАНА  

„ВИСТИНСКИОТ ЗАПАД“

Aвтор: Сем Шепард  

Режија: Лаура Неза

Сценографија/Костомографија: Енед Кука

Музика/Светло: Лаура Неза

Играат: Ледион Зои, Ерблин Бајко, Реџан Мула, Суела Бако

Ли и Остин се браќа ривали, кои по пет години повторно се поврзуваат во домот на нивната мајка која е на одмор. Нивните животи се движат во сосема различни насоки. Остин, пишува филмски сценарија, претставува синоним за „успех“ имајќи семејство и кариера во подем, додека Ли е неизбричен алкохоличар, крадец и губитник, кој решава да се врати дома и претставува „неуспех“.
Браќата неочекувано ги посетува холивудскиот продуцент, Саул Кимер, чие присуство ги доведува до тоа да ги преиспитаат своите вредности и да ги променат своите улоги.

 

Романија: БРИЏ ТЕАТАР - СИБИУ  

„ПРЕТСТАВА БЕЗ НАСЛОВ“

(публиката е повикана да даде наслов откако ќе ја гледа претставата)

Aдаптиран тескт на: Михаил Задорнов

Режија: Ласло Вадас  

Музика: Теодора Воинегу  

Светло: Константин Поду

Улоги: Александра Поду, Раду Константинов, Рада Константинов  

Современ текст, во еден чин, со многу пресврти. Претстава која на публиката ú предлага ново искуство, поканувајќи ја да учестува на „крштевката“. Една поинаква „крштевка“, каде „родителите“ ќе го одберат имeто заедно со публиката.

Претставата го претставува кризниот момент во еден брак, кога другата жена доаѓа да го купи неверниот сопруг од неговата сопруга. Средбата помеѓу двете жени претставува цела палета на емоции кои може да ги почуствува вљубената жена, и го соочува сопругот со најтешката можна одлука. На крајот одлуката веќе и не е важна, туку фактот што нашите врски успеваат да му се спротивстават на времето во име на сеќавањата. Хуморот кој изобилува, како и трагичните и комични нијанси на дејствието одлично ја претставуваат безвременската тема на љубовен тријаголник. 

Што е она што ги одржува врските по толку многу години? Одговорот е сеќавањата!

 

Турција: ХАЈАЛ ПЕРДЕСИ - ИСТАНБУЛ

„ГРАДИТЕЛИ НА ИМПЕРИЈАТА ИЛИ ШМУРЦ“

Автор: Борис Виан

Превод на турски: Ајберк Еркај

Режија: Александар Поповски  

Сценографија: Свен Јонке

Костимографија: Тачисер Севин  

Асистент на костимографија: Марта Монтевечи

Дизајн на светло: Александар Поповски 

Музика и звучни ефекти: Бариш Манисали

Кореографија: Хандал Ергијдирен  

Играат: Реха Озкан, Шебнем Костем, Селин Ишкан, Севил Аки, Туба Карабеј, Нихат Алптекин

Што нè мачи? Што е тоа што го прифаќаме или негираме за време на нашите животи? Каде нè носат нашите амбиции? По што трагаме? Саркастичната трагедија „Градители на империјата“ на „волшебникот на зборовите“ Борис Виан почнува поставувајќи ги овие прашања.

Поради мистериозните звуци на липање, едно семејство кое живее во висококатница го напушта својот стан за да се пресели во тесните повисоки катови. Без воопшто да знаат што е тоа што ги престрашува, секое ново бегство се претвора во патување кон осаменост и морална деградација. Патувајќи низ најтемните амбиции на луѓето, претставата преку трагикомичните карактери го открива негирањето на животот сè до последното соочување. 
 

Бугарија: ТЕАТАР НА БУГАРСКАТА АРМИЈА, СОФИЈА 

„ЈЕРМА“

Автор: Федерико Гарсија Лорка  

Режија: Диана Добрева

Сценографија/Костимографија: Нина Пашова  

Mузика/Светло: Петја Диманова

Играат: Радина Карджилова, Веселин Анчев, Георги Киркеланов, Тигран Торосиан, Стефка Јанорова, Гергана Данданова, Мимоза Базова, Екатерина Стојанова, Милен Миланов, Диана Добрева, Лили Сучева, Борислава Костандинова

„Дете мое, од каде доаѓаш?... Кога, дете мое, ќе дојдеш?“ прашува Јерма, додека се обидува да ја пронајде смислата на својот живот. Копнежот за чедо го обележува дејствието на претставата, напишана од Федерико Гарсија Лорка во 1934 година, и ја обзема секоја друга желба и цел на главниот лик. Соочувањето со патријархалниот статус кво и губењето на сите надежи води кон трагичен епилог.

Во перформансот режиран од Диана Добрева, отсуството на чедо не е само отсуство на иднина и остварување на самиот себеси, туку се поистоветува со отсуство на цел и верба, како и отсуство на Бог. Белата, црна и црвена сценографија го прикажува опседнувањето и раскинувањето на човечката душа како претскажување на смртта.

„Јерма“ е естетски визуелен перформанс исполнет со копнеж, страст и болка. 

 

Србија/Хрватска/Словенија: ХАРТЕФАКТ ФОНД, БИТЕФ ТЕАТАР, ЦЗКД – БЕЛГРАД / УО НОВО КАЗАЛИШТЕ ЗАГРЕБ / ЗАДАР СНОВА  – ЗАДАР / MИНИ ТЕАТАР  – ЉУБЉАНА  

„ГРОБНИЦА ЗА БОРИС ДАВИДОВИЌ“

Автор: Данило Киш  

Режија: Ивица Буљан

Композитор: Митја Врховник Смекар 

Дизајн  на светло: Son:DA

Продуцент: Андреј Носов

Извршна продукција: Владимир Декиќ, Јанко Димитријевиќ     

Драматург: Маша Сеничиќ         

Играат: Александра Јанковиќ, Милутин Милошевиќ, Владимир Алексиќ, Стипе Костаниќ, Борис Властелица, Ива Кевра, Бенјамин Крнетиќ, Марко Грабер, Никола Малбаша

Гробница за Борис Давидовиќ, на големиот источноевропски писател Данило Киш, издадена во 1976 година, е едно од најконтроверзните дела на југословенската книжевност. Следејќи ги историските белешки од војните и револуцијата во Европа во трисетите, четириесетите и педесетите години на 20-тиот век, Киш го поставува прашањето за победниците во историјата и го нагласува она што е заедничко за сите злостори. Документарниот пристап, фрагментацијата на недоверливи слики од народната меморија и непотполните архиви на културното наследство резултираат со недоверлива историја.

Да се совлада дело на Данило Киш претставува етички императив за уметникот кој размислува за политичката реалност на јужнословенското подрачје. Читањето на Киш за постарите генерации е потсетник за односите на моќ меѓу граѓанинот/ поединецот/уметникот и степенот на толеранција кој овие институции се подготвени да си го дадат едни на други. За младата генерација „Гробница за Борис Давидовиќ” е етички и естетски манифест, кој во овие простори е без преседан.