ПОМЕЃУ ЖИВОТ И ТЕАТАР

МТФ СКУПИ ФЕСТИВАЛ 2012
12/11/2012 - 18/11/2012

Косово: Национален Театар Приштина

„Дванаеста ноќ“

Автор: Вилијам Шекспир

Режија: Илир Бокши

Драматург: Шклзен Бериша

Сценографија: Пертир Бакали

Костимографија: Веса Краја

Кореографија: Синан Кајтази

Музика и адаптација на музика: Тримор Доми

Играат: Шклзен Весели, Теута Красники, Дриада Матоши, Адриан Морина, Ард Ислами, Илбер Барди, Едона Решитај, Лулзим Гуели, Ешреф Дурмиши, Бесник Крапи, Арменд Исмаили, Арменд Балоку, Шпејтим Кастрати, Гента Реткоцери

Ова драмско дело е една од најдобрите комедии напишани од Шекспир, во кое тој на автентичен и комичен начин зборува за лудоста на љубовта. Брат и сестра близнаци, Виола и Себастијан, се разделуваат откако бродот во кој пловеле потонува. Секој од нив верува дека другиот потонал заедно со бродот. По потонувањето, Виола е спасена и однесена во Илирските земји, каде се преоблекува во маж кој се претставува со името Цесарио и стапува во служба на Војводата на Илирија, Орсино. Тој чезнее за љубовта на контесата Оливиа, која ја одбива неговата наклонетост. Виола се вљубува во него, додека тој ја смета за свој сојузник, прелажан од нејзината маскуларна маска. За фарсата на Виола да биде подраматична, Себастијан, нејзиниот брат близнак се појавува на сцената, вљубен во контесата Оливиа. Плотот илустрира љубомора, изменети идентитети и лажни претставувања кои се проследени со дуели, расправии и конфузни ситуации помеѓу ликовите. Крајот на оваа претстава е окарактеризиран со расплет на фарсите на ликовите, покажување на нивните вистински идентитети и чувства, како и среќни завршетоци на овие љубовни приказни.

 

Романија: АКТ ТЕАТАР – БУКУРЕШТ 

„ИГРИ ЗАД КУЌАТА“

Автор: Една Мазиа

Режија: Боби Прикоп

Музика/Светло/Костими: Боби Прикоп

Играат: Иоана Манциу, Влад Павел, Павел Улици, Флотин Хриску, Цезар Грумазеску

„Игри зад куќата“ е претстава која ја пресликува тинејџерската психа. Базирана врз вистинска приказна која се случила во 90-тите години во Израел, претставата се однесува на судење за силување во кое протагонистите, жртвата и агресорот, се малолетници. Целта на ова дело не е драматичноста на оваа ситуација per se, туку механизмот кој првично довел до тоа. Режисерот изготвил минималистички приказ, дури и престрог, преку поставување пет столчиња, минимално движење и силна акумулација на детали преку кои ги гради карактерите на речиси кинематографски начин. Всушност претставата се однесува на суровоста во светот на тинејџерите во кој е еднакво тешко да се опстане, како и во светот на возрасните.

 

Романија: АКТ ТЕАТАР - БУКУРЕШТ

„АМАЛИА ДИШЕ ДЛАБОКО“

Автор: Алина Нелега

Режија: Мариана Камарасан и Александра Пенциуц

Музика/светло/костими: Мариана Камарасан и Александра Пенциуц

Играат: Kристина Касиан

„Амалиа дише длабоко“ ги следи пресметките на една жена со суровоста на комунистичкиот режим, и како таа успева да опстои и покрај тоа што навистина нема изгледи за тоа. Наспроти модерната романска историја, Амалиа го прелистува каталогот на сопствени загуби, почнувајќи од своето тело кое го продавала на војниците со цел да се прехрани себеси и нејзиниот брат танчер, кој ја напушта и заминува за Париз. Личностите евоцирани од Амалиа во нејзините семејни приказни, како споредна тема – состојбата на жените, релациите во врските, хомосексуалност – репродуцираат силна слика за несоодветниот и страшен комунистички режим. Низ сето ова таа се држи до нешто што го научила од својата мајка – да продолжи да дише длабоко. „Амалиа дише длабоко“ е веродостоен епилог на едно време.

 

Израел: НЕЗАВИСНА ПРОДУКЦИЈА ТЕЛ АВИВ 

„ЖИВОТИНСКА ФАРМА“

Базирана на новелата на Џорџ Орвел

Адаптација: Гај Мастерсон

Продукција и режија: Ран Шахаф

Оригинална музика: Ефи Шошани

Светло: Омер Шезаф

Играат: Нир Менки

„Животинска фарма“ е веќе добро позната новела на Џорџ Орвел, која актерот Нир Менки успешно ја оживува, преку олицетворување на карактерите во кои самиот тој метаморфира на сцената, скокајќи од еден во друг. Оваа адаптација верно ја прикажува главната мисла позади овој алегоричен текст, која своевремено била современа критика на режимите во минатото во кои борбата за слобода на една класа довела до победа на истата, но и воспоставила режим во кој било заборавено првичното значење на таа „слобода“ и борбата зад неа. Меѓутоа без сомнение можеме да кажеме дека овој текст низ текот на годините се покажал како безвременски, како резултат на извесни непроменливи недостатоци на човековиот карактер.    

 

Албанија: БИЛИС ТЕАТАР - ФИЕР 

„ЗА ЕДЕН КАЖАН ЗБОР“

Режија: Дориана Кауши

Костими и сет дизајн: Дориана Кауши

Играат: Клодиана Кецо, Јонида Чунга 

Две пријателки се среќаваат после долго време. Едната се инаети, додека другата се обидува да ја дознае причината за ладниот однос кој го добива од страна на својата стара пријателка. Следат дебати, недоразбирања и конфликти, бидејки секоја држи до својата приказна која ја раскажува и гледа само преку својата призма. Во конфликтот на површина излегуваат двата различни света во кои тие припаѓаат. Едниот, свет на човек прагматичар и кариерист, другиот свет на сонувач и уметник кој се задоволува со малку. Авторот во своето дело ни пренесува сцени на љубомора, вербално насилство, конфронтација и физички пресметки. Акцентот во делото е ставен на „зборот“ и неговата моќ, односно потенцијалот на еден збор да урне вековни пријателства, но и можноста истиот тој да ја врати вербата во она што се нарекува човечност и љубов. Сепак, единствено преку „зборот“ можеме да расветлиме дел од човековата душа.

 

Бугарија: ДРАМСКИ И КУКЛЕН ТЕАТАР „ИВАН РАДОЕВ“

„КОКОШКА“

Режија: Александра Кардалевска

Сценографија и костими: Зоја Николова

Играат: Ива Николова, Мариета Калппова, Теодора Абрашева, Маријан Стефанов, Александар Димитров

"Кокошка" е претстава чие дејствие се случува зад завесата меѓу луѓе од театарскиот свет. Во еден провинциски театар пристигнува нова, млада актерка (Кокошката) околу која се плетат неколку љубовни тријаголници. За авторот Николај Кољада се вели дека е модерен Чехов, и во претставата може да се препознаат атмосфери од неговите дела. Во Кокошка сите ликови, на некој начин, се растегнати меѓу големите амбиции и баналното секојдневие, и сите грчевито се борат да ги променат своите животи, да им дадат смисла. Нивните копнежи се реални, но ситуациите во кои се поставени ги прават и смешни и трагични.

 

Финска: МИЛИТЕАТАР – ХЕЛСИНКИ 

„БОЖЕНСТВЕНА КОМЕДИЈА 3.0“

Структура базирана на Боженствената Комедија на Данте Алигери

Автор: Миира Сипола

Режисер: Миира Сипола 

Сценографија: Аили Ојало

Музика: Руи Лима и Сергио Мартинс

Светло: Анаиса Гереиро

Костими: Сара Мачадо да Граца

Играат: Диана Ниепце, Андре Салвадор, Фабио Мореира Сузана Нунес, Нантиа Папатеодору, Ула Ратио, Томас Туликорпи, Јако Килјунен, Идалота Бекман, Јуко Такеда

Основата на овој перформанс е Боженствената комедија на Данте Алигери, односно структурата Пекол – Чистилиште – Рај. Во оваа верзија еден човек добива покана од Детето. Човекот забележува дека пејсажите и лицата во нив, низ кои Детето го носи, му делуваат познати. Дали се тие неговото семејство? Општеството? Колективните правила? Моќта на неговиот ум? Патувањето на кое тој е однесен, му делува како најопасното од сите патувања. За да излезе од тој лавиринт тој мора да умре. Но, наградата која следува е безвременската убавина која сите ние ќе ја делиме.

 

Франција/Македонија: Л’ЕСКАРИЕР 4 – ПАРИС, МТФ СКУПИ ФЕСТИВАЛ – СКОПЈЕ  

„А ПЛУС“

Продукција креирана при „Европска работилница за актери - автори“

Сценски перформанс работен тектовите на Жан Жак Варожан, во кој театарот и филмот се вкрстуваат.

Театарска режија и концепт: Сандрин Фурлон

Филмска режија и камера: Фабиен Хемард

Асистент на режија: Беатриче Андре

Улоги: Маделин Бонгард, Силвиан Паолини, Асдрен Селими, Клодјана Кецо

Партнери: Факултет за филмски уметности при ЕСРА

Првото издание на „Европската Работилница Актери – Автори“ – нова артистичка средба со цел развој и воспоставување на продукции на современи театарски текстови од автори вклучени во театарот во Европа, е организирана од страна на МТФ Скупи Фестивал и Л’ескалиер 4 и Ода Театар.

За време на оваа прва средба 4 актери под режисерската палка на Сандрин Фурлон и Фабиен Хемард ќе творат на создавањето на претставата „А плус...“, при што крајниот резултат ќе биде прикажан 6-тата вечер од 6-тото издание на МТФ Скупи Фестивал. Перформансот ќе содржи сцени од претставата на сцената и документирани исечоци од работата на работилницата на филмското платно.